24/03/2008
Реформите треба неповратно да се спроведат пред, а не откако земјата кандидат ќе влезе во ЕУ, вели поранешниот министер за правда на Романија, Моника Маковеи, денес советник на македонската влада.
Од Валентина Поп за Southeast European Times -- 24/03/08
![]() Моника Маковеи, поранешен минстер за правда на Романија. [Getty Images] |
Главната лекција која ЕУ и Македонија можат да ја научат од пристапувањето на Романија е дека реформите и антикорупциските мерки мора неповратно да се спроведат пред приклучувањето во ЕУ -- не отпосле, кога политичката волја ќе опадне, вели во интервјуто за Southeast European Times поранешниот министер за правда на Романија Моника Маковеи.
Маковеи беше прифатена со воодушевување од страна на ЕУ заради храбрите реформи во правосудството и борбата против корупцијата, која беше главниот проблем со кој Романија се соочуваше пред да стане земја-членка во 2007 година. Иако не припаѓаше на ниедна партија, Маковеи беше сменета при реконструкцијата на владата пролетта 2007 година. Моментално е советник на македонската влада во областа на реформите во правосудството.
На прашањето дали гледа некакви последици за земјите кандидати како Македонија, после искуството со Романија, Маковеи одговара: „Дефинитивно, да“.
„Главна последица за ЕУ е да се земат предвид само исполнувањео на обврските и утврдената добра пракса, а не ветувањата и законите на хартија кои слабо или воопшто не се спроведуваат. Се ова е поврзано со политичката волја која, како што се покажа, драматично опаѓа по пристапувањето во ЕУ“, вели таа.
„Кога ќе погледнам наназад, мислам дека требаше да го очекуваме тоа, како директен ефект од борбата против големата корупција во земјите каде има корумпирани политичари. Тие се оние кои донесуваат одлуки и се бранат секогаш кога е загрозен нивниот „имунитет“ од кривичните истраги или кога ризикуваат да го изгубат имотот и привилегиите стекнати во текот на магливата транзиција“, вели таа. „Заради ова, во следниот бран на пристапување ЕУ мора да се погрижи тие реформи, особено реформите во политичката класа преку антикорупциски мерки, сериозно да се спроведат и тој процес да биде вистински неповратен“.
За земјите кандидати за ЕУ, Маковеи очекува да ја научат лекцијата и да „промовираат политичари и професионалци подготвени и способни да започнат, поддржуваат и да спроведат длабоки, болни и вистински реформи, дури и по цена на политички жртви. Неповратните, вистински промени се она што луѓето во земјите кандидати го сакаат и мора да го добијат. Кога ќе се случи тоа, пристапувањето во ЕУ доаѓа како природна работа“.
Најострите чекори кои македонската влада треба да ги преземе, според мислењето на Маковеи, е да воспостави консолидирана база на податоци за агенциите за спроведување на законите и во целост да ги спроведува истражните мерки во кривичните случаи, истовремено гарантирајќи ги граѓанските права. Потребни се и дополнителни измени на законот за финансирање на политичките партии и кампањите, со цел да се обезбеди целосна транспарентност, контрола и санкции.
![]() Еврокомесарот за проширување Оли Рен (лево) и македонскиот премиер Никола Груевски (десно) откриваат спомен-плоча на новата зграда на Мисијата на ЕУ во Скопје на 7-ми март. [Getty Images] |
Македонија, исто така, треба да го спроведе законот за конфликт на интереси и да обезбеди транспарентност во државната управа, додава поранешниот министер за правда. „Општо земено, потребни се напори за целосно и правилно спроведување на веќе постоечките одредби во борбата против корупцијата. Домашните напори се поддржани од страна на Европската Комисија и другите меѓународни актери присутни во Македонија и уверена сум дека таа поддршка ќе се зголеми во блиска иднина“, вели таа.
Во однос на романските мерки кои би можеле да бидат усвоени од Македонија или од другите земји кандидати, Маковеи го истакна основањето на Дирекција за борба против корупцијата, чии обвинители ја истражуваат корупцијата и измамите на високо ниво. „Изборот на обвинителите кои работат во едно вакво тело е од пресудно значење“, вели таа. „Тие мора да бидат потполно независни и професионални. Покрај тоа, таквото тело на располагање мора да има посебни истражни средства, пари и финансиски експерти. Македонија има тело задолжено за организираниот криминал и корупцијата, кое ги истражуваше важните случаи во текот на минатата година и чии обвинители интензивно се обучуваат.
„Меѓутоа, потребни се дополнителни мерки, особено во поглед на користењето на специјални истражни средства и мерки за таен надзор. Не можете да се борите против организираниот криминал и корупцијата со стари истражни средства. Во Македонија моментално работам со домашните власти и меѓународните актери на зајакнување на спроведувањето на постоечкиот закон за мерките за надзор, како и на ширење на неговата примена“, објаснува Маковеи.
Уште една корисна мерка во борбата и спречувањето на корупцијата е дефинирањето на конфликтот на интереси како кривично дело, како и воведување на „тест за интегритетот“ кога државните службеници се осомничени за корупција. Маковеи вели дека предложила во Македонија да се воведе кривичното дело „нелегално збогатување“ кое постои во Конвенцијата на ОН за борба против корупцијата.
„Исто така, би сакала да истакнам дека некои одредби во македонскиот закон за оданочување се понапредни од тие во Романија. Имотот кој не може законски да се оправда се оданочува со 70 отсто. Доследното спроведување на оваа мерка започна на почетокот од 2008 година“, вели поранешниот романски министер за правда.
Во однос на непреместливоста на судиите и тужителите, Маковеи вели дека Македонија неодамна го решила тој проблем со формирањето на Судски совет за судиите, додека пак Советот за тужители ќе биде формиран во текот на 2008 година. Моментално и судиите и тужителите во Македонија имаат таканаречени доживотни мандати (до старосната граница за пензија).
Меѓутоа, и Романија и Македонија, како и останатите посткомунистички земји, го прескокнаа првиот чекор потребен за реформа на правосудството -- широк национален тест за професионалниот капацитет и интегритет на постоечките судии и обвинители, вели Маковеи.
„За жал, и Романија и Македонија побрзаа да им обезбедат на сите членови на судскиот систем независност и непреместливост без да направат едноставна проверка кои се тие лица што ќе добијат вакви гаранции“, вели таа. Многумина очекуваа дека, штом ќе добијат независност и непреместливост според законот, членовите на комунистичкото судство ќе станат потполно независни професионалци“. Ова очекување, вели Маковеи, се покажа погрешно.
„Денес имаме многу судии и обвинители кои се чувствуваат доволно „независни“ за да бидат корумпирани, непрофесионални и некомпетентни и се повикуваат на „независноста“ секогаш кога ги критикува некој“, вели таа. „Чистењето на системот, кое сега им е доверено на судските совети, не се спроведува. Тие совети, кои не се одговорни -- зборувам главно за романскиот пример -- функционираат како задруга, штитејќи се што не чини во системот“.
Главните предизвици за македонската влада се исти како и тие за романската, вели Маковеи. Тие вклучуваат одржување на политичката волја на владата, постигнување политички консензус и собирање поддршка за реформите, преземање чекори за реформирање на политичката класа и вистинско неповратно спроведување на антикорупциските мерки.