03/10/2008
Многу Турци велат дека им е доста од ограничувањата на стотици интернет страници, вклучително и YouTube, WordPress.com, Google Groups, и во поново време, веб-страницата на истакнатиот британски автор Ричард Докинс.
Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 03/10/08
![]() Британскиот автор Ричард Докинс. [Getty images] |
Интернет забраните станаа честа појава во Турција, благодарание на регулаторните дупки и нејасната законска рамка. Само оваа година, властите го блокираа пристапот до најмалку 1.112 веб-страници, по жалбите на Директоратот за телекомуникации или судовите. Најновиот случај се однесува на веб-страницата на Ричард Докинс, истакнат теоретичар еволуционист.
Истанбулскиот суд нареди забрана на www.richarddawkins.net минатиот месец, откако Аднан Октар, автор на антиеволуцискиот текст наречен Aтлас на создавањето, тврдеше дека страницата го дискредитира неговиот карактер. Книгата на Октар содржеше фотографии кои, наводно, покажуваат животни кај кои не се случиле еволуциските промени.
„Овие живи суштенства преживеале милиони години без и најмала промена во нивната структура. Фактот што овие инсекти никогаш не се промениле е знак дека тие никогаш не еволуирале“, напиша Октар.
Но, според Докинс, некои од наведените „животни“ се всушност рибарски мамци, додека Октар едноставно погрешно ги идентификувал останатите.
Блогерите се лути поради забраната. „Добредојдовте во Средниот век“, пишува Tinca на sansuresansur.org, критикувајќи ја како што ја нарекува „новата практика на палење книги“. Baroni, студент кој живее во Анкара, ги повикува читателите да „си ги бараат своите права на Интернет“. Турскиот меѓународен имиџ доживува пораз поради забраните, додава Барони, велејќи дека неговата земја ризикува да биде ставена во рангот на државите како што се Пакистан и Саудиска Арабија.
Можеби во иднина, пишува тој, Турците нема да смеат да користат Фејсбук. Нивната единствена опција за социјално поврзување ќе биде habibmol.com, веб-страница за исламски самци.
Турците кои сакаат да дознаат нешто од науката немаат пристап до Ричард Докинс, но за среќа го имаат Аднан Октар да им помогне, се шегува eksisozluk. Со оглед на тоа што книгите „Харун Јахја“ (псевдонимот на Октар) се дистрибуираат бесплатно, додава тој, Интернетот дури и не е потребен!
Емре Кизилкаја е млад турски новинар. Во својот блог, istanbullian, тој гја критикува забраната на Докинс и предупредува за поширок проблем во турското општество.
„Можеби имаме култура на забрана на нештата. Дури и зборот „забрана“ (јашак) ги релаксира некои луѓе во Турција“, пишува Кизилкаја. Како доказ, тој поставува 20 фотографии на јавни знаци. Тие содржат забрани -- како на пример -- за плукање, држење раце, пишување на растенија, играње фудбал на тениско игралиште, користење запалка или чкорка за проверка на истекување на гас, несоодветно седење на веце школка или вршење самоубиство поради неверен љубовник.
Нов блог, yasaklisiteler, има за цел да ги следи интернет забраните. Според веб-страницата, забраната на Докинс следи по претходните на веб-страниците на еволуционистот, вклучително ateizm.org. Турција ги ограничува не само веб-страниците со порно содржина или кои промовираат насилство, туку и оние кои се спротивставуваат на доминантниот политички систем и религиозните верувања, посочува блогот.