Aлбанската влада започна програма за документите за лична идентификација

20/03/2007

Подобар систем на идентификација на гласачите претставува главен приоритет за земјата, вели албанскиот премиер Сали Бериша.

Од Ерлис Селимај за Southeast European Times во Тирана – 20/03/07

photo

Секојпат кога земјата одржува избори, гласачите мора да ги користат своите изводи од матичната книга на родените и различни други документи за да го докажат својот идентитет. [Getty Images]

За време на изборите, Албанците мора да се потпираат на своите изводи од матичната книга на родените и други начини за идентификација, за да докажат кои се. Малтретирањата околу тоа предизвикуваат лутина во секој изборен циклус. Владата сега се обидува да го реши проблемот со заживување на идејата за лични карти, првпат предложена пред седум години.

Според властите, личните карти ќе им бидат издавани на граѓани постари од 16 години. За да се спречи евентуална измама, личните карти ќе вклучуваат отпечатоци од прстите на сопственикот, компјутерски чип со податоци за носителот и непроменлив идентификационен број.

Воведувањето на оваа нова форма на лична карта ќе „не ослободи од манијата на изводите еднаш засекогаш“, вети премиерот Сали Бериша. Според него, иницијативата претставува главен приоритет и владата е подготвена да пренамени државни средства за Министерството за внатрешни работи и да осигури нејзино спроведување.

Новите лични карти немаат за цел само да осигурат непречени избори во иднина, туку и да й помогнат на земјата во исполнувањето на условите што ги предложи ЕУ во рамките на нејзината Спогодба за стабилизација и асоцијација со Албанија.

Негативностите од користењето на изводите од матичната книга на родените повторно избија на површина за време на локалните избори минатиот месец, кои беа оптоварени со приговори. Меѓународната заедница побара од Албанија да го подобри својот систем на документи за лична идентификација, како дел од целокупните изборни реформи.

Аналитичарите го поздравија потегот на владата, истакнувајќи истовремено дека процесот на издавање на новите лични карти ќе бара попис на населението. Ова, од друга страна, ја наметнува потребата од точна пресметка на бројот на Албанците кои живеат во странство.

Расправата за личните карти не е нова. Во 2000 година властите се обидоа да издадат „електронски картички“ за сите оние со право на глас. Но, проектот пропадна бидејќи властите побрзаа да го завршат процесот без соодветно планирање.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading