21/08/2008
Албанската влада комплетно ја реформира својата војска, со цел нејзина професионализација и исполнување на условите за членство во НАТО.
Од Јонилда Коци за Southeast European Times во Тирана – 21/08/08
![]() Воениот рок веќе нема да биде задолжителен во Албанија. [Getty Images] |
Почнувајќи од 1-ви јануари 2010 година, Албанија повеќе нема да има задолжителна воена служба. Иницијативата за ова е дел од реформите што ги бара НАТО, чиј дел земјата се надева да стане по исполнувањето на условите на Алијансата.
Парламентот усвои закон минатата недела за отпочнување на реформата. Законот влегува во рамките на програмата што ја отпочнаа албанските вооружени сили -- со помош на американското Министерство за одбрана -- за технолошка надградба и целосна професионализација на војската до 2010 година. „Нашата цел е [да создадеме] војска со професионалци“, рече премиерот Сали Бериша по усвојувањето на законот на 13-ти август.
„Создавањето професионална армија ќе понуди можност за вработување на млади луѓе ... во албанските вооружени сили“, рече министерот за одбрана, Газменд Окета.
Влатата сé уште прави проценка за платите на војниците според новиот закон, но ќе продолжи и со други иницијативи, како што е пристапот до станови и други бенефиции. Окета рече дека во следните месеци војската ќе отвори неколку регрутни центри каде што ќе можат да се запишат матуранти.
Реформата ќе вклучи и бенефиции за младите луѓе кои сакаат да градат воена кариера. Со воведувањето на професионалниот систем, воената академија во Тирана Скендербе ќе додаде уште неколку оддели.
Воената служба беше задолжителна од 1945 година, но нејзиното времетраење се менуваше со текот на времето. На почетокот воениот рок беше четири години. Во 1954 година тој падна на три години. Во 1972 година тој стана 27 месеци, а во 1992 - 18 маесеци. Во 1996 година се намали на сегашните 12 месеци.
Во јануари владата ги објави плановите за намалување на своите вооружени сили за 3 отсто до 2013 година. Планерите предвидуваат 14.500 професионални војници до 2010 година.