25/08/2008
ОБСЕ и УНДП им понудија помош на вооружените сили на БиХ за уништување на нивниот огромен вишок оружје.
Од Јусуф Рамадановиќ за Southeast European Times во Сараево -- 25/08/08
![]() Само вооружените сили во земјата имаат меѓу 25.000 и 30.000 тони вишок муниција и 100.000 пушки што мора да се уништат. [Getty Images] |
Следниот месец, преку своето Министерство за надворешни работи, Босна и Херцеговина (БиХ) официјално ќе побара финансиска помош од ОБСЕ за итните планови за уништување на вишокот оружје и муниција во земјата.
Вооружените сили на БиХ имаат помеѓу 25.000 и 30.000 тони вишок муниција (проектили, гранати и куршуми), кои мора да се уништат што е можно побрзо, како и 100.000 пушки кои тие ги сметаат за вишок. Цивилите, исто така, имаат огромен арсенал во домовите.
Програмата за развој на ОН (УНДП) во БиХ нарача две истражувања за ова прашање во 2003 и 2004 година, посочувајќи дека високите нивоа на лесно оружје (САЛВ) кое го поседуваат цивили и вишокот на војската на БиХ претставуваат значителна закана за јавната безбедност. Истражувањето на УНДП за САЛВ, исто така, проценува дека 19 отсто од населението во БиХ од 5 милиони поседува САЛВ. Покрај ова, 16 отсто поседуваат нелегално оружје.
Во моментов Проектот за контрола и намалување на лесното оружје на УНДП во БиХ (САЦБиХ), кој започна на почетокот од 2005 година во координација со властите на БиХ, уништува дел од САЛВ во фабриката Претис во близина на Сараево. Капацитетот за уништување таму е само 100 тони годишно, темпо со кое на БиХ ќе й требаат 25 години за да го уништи истото.
„Мисијата на ОБСЕ во БиХ изрази подготвеност да обезбеди финансиска помош за проектите за воспоставување операции во голем број локации во нашата земја, со цел уништување на вишокот оружје и муниција“, рече членот на Заедничката парламентарна комисија за одбрана и безбедност на БиХ Адем Хускиќ.
Тој рече дека планот на УНДП предвидува повеќе локации во БиХ да добијат објекти за уништување на САЛВ, а соодветниот персонал да добие дополнителна обука.
Планот е да се прошири капацитетот на фабриката Претис, како и на фабриката за воена технологија во Добој, за која ќе бидат потребни 366.000 евра за модернизација и надградба, и фабриката Бинас во Бугојно, за која ќе бидат потребни 103.000 евра. Планот, исто така, вклучува инсталирање на објекти за палење и детонација на планината Мањаца и во Глабоч, кои ќе чинат 145.000 евра.
Друг предизвик е безбедноста на поранешната фабрика Витезит во Витез, за што ќе бидат потребни 293.000 евра. Затворената фабрика сé уште содржи 250 тони експлозив, кој претставува потенцијална закана за централниот босански град и неговата околина.
Покрај вишокот оружје што го има војската, раширеното оружје што го посетува населението претставува проблем. Од 1998 година, во соработка со локалните власти, меѓународните организации во БиХ го спроведуваат проектот Жетва за собирање нелегално оружје и муниција. Досега властите собраа 60.000 парчиња САЛВ од граѓаните во БиХ. Со ова темпо, на мисијата Жетва ќе й требаат уште 80 години.