Блокирањето на веб-страниците во Турција покрена сомневање за слободата на изразувањето

01/10/2008

Турција ја забрани веб-страницата на истакнатиот британски академик и еволуционист Ричард Докинс, најнова од стотиците контроверзни забрани кои ја поткопуваат слободата на изразувањето во оваа земја-кандидатка за ЕУ.

Од Ајхан Шимшек за Southeast European Times -- 01/10/08

photo

Турските власти го блокираа пристапот до веб-страницата на британскиот автор Ричард Докинс. [Getty Images]

Истанбулскиот суд нареди забрана на турскиот пристап до веб-страницата на британскиот автор Ричард Докинс (www.richarddawkins.net), откако контроверзниот исламист и креационист Аднан Октар излезе со тврдење дека веб-страницата го дискредитира неговиот карактер.

Октар и неговата сомнителна, доброфинансирана група водат кампањи против Дарвинизмот, објавувајќи и дистрибуирајќи илјадници книги бесплатно, во Турција и во повеќе од 50 други земји.

Книгата на Октар Aтлас на создавањето беше дочекана на нож на веб-страницата на Докинс, каде што британскиот академик ги посочува грешките во нејзината содржина и го напаѓа Октар за манипулирање со фактите.

„Јас сум вџашен од скапото и луксузно издание на оваа книга наспрема ,зачудувачката бесмисленост’ на содржината“, напиша научникот во јули.

Иако Октар и неговите следбеници го добија правниот случај против веб-страницата на Докинс, тие не успеаја да ја забранат неговата позната книга, Илузија за Господ. Истиот истанбулски суд кој ја блокираше неговата веб-страница минатиот месец ја дозволи продажбата на неговата книга минатиот април, аргументирајќи со слободата на изразувањето.

Веб-страницата на Докинс не е единствената жртва на правната кампања на групата на Октар против Дарвинизмот или атеистичките страни. Октар и неговите следбеници, користејќи ги дупките во турскиот закон, успеаја претходно да добијат привремена забрана за водечките интернет-страници, вклучително и за „Гугл“ и „Вордпрес блог“, наведувајќи ги наводните навреди за исламските автори.

Властите го блокираа пристапот до веб-страниците на турскиот еволуционист како што е ateizm.org. На крајот од септември, тие исто така ја забранија веб-страницата на еден голем синдикат, Синдикатот на турските просветни работници (Егитим Сен), поради објавувањето 19 месеци претходно на Aтласот на создавањето.

Контроверзниот Октар доби тригодишна затворска казна минатиот мај за финансирање нелегална организација за лична корист и со криминална намера. Тој останува на слобода со жалба.

Значителната финансиска поддршка на неговата група претставува мистерија и турскиот печат ја обвинува за таинствени практики карактеристични за култовите и финансиско искористување на нејзините следбеници.

Турските медиуми реагираат со шокираност на нејасно оправданите интернет забрни. „Тргнете ги рацете од нашиот Интернет“, гласи насловот на левичарскиот весник Радикал во вторникот. Весникот го осудува блокирањето на веб-страниците и истакнува дека поголем дел од забраните не се резултат дури ни на судските пресуди, туку на одлуките на Директоратот за телекомуникации на земјата.

Tурската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП), која е со исламски корени, ја истакна својата посветеност на процесот на пристап во ЕУ и вети дека ќе ги заживее реформите. Но, неодамнешните рестрикции на Интернетот ги зголемија сомневањата за нивната посветеност. АКП ги отфрли обвинувањата за скриена исламска политичка агенда и се опишува како конзервативно-демократска партија. Некои водечки членови на АКП јавно ги оспорија еволуциските идеи во минатото, но партијата нема директна врска со Октар и се обидува да се дистанцира себеси од неговата група.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading