06/10/2008
Во неделата се одржаа локални избори за градоначалници и членови на градските совети на Босна и Херцеговина. Набљудувачите велат дека гласачите претежно ја следеле етничката лојалност.
Од Јусуф Рамадановиќ за Southeast European Times во Сараево – 06/10/08
![]() Околу 55 отсто од регистрираните гласачи излегоа на изборите во неделата (5-ти октомври). [Getty Images] |
Во неделата (5-ти октомври) се одржаа локални избори во Босна и Херцеговина, за градоначалници и членови на градските совети, кои ќе добијат четиригодишен мандат.
Набљудувачите рекоа дека резултатите претежно ги следат етничките линии. Политичкиот научник Асим Мујкиќ од Универзитетот во Сараево за Ројтерс изјави: „Ако овој тренд продолжи, парламентарните избори во 2010 година ќе бидат еднакви на етнички попис“.
Еден од најголемите победници беше Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД) на премиерот на Република Српска (РС) Милорад Додик, кој освои 32 градоначалнички места, вклучително и оние во Бања Лука и повеќето помали и поголеми градови во РС. Српската демократска партија (СДС), другиот голем фаворит во РС, го задржа градоначалничкото место во Добој, додека во Бијелина, градоначалничкиот натпревар на СДС и СНСД остана нерешен.
Друг голем победник беше претежно бошњачката Партија за демократска акција (СДА), која, според прелиминарните резултати, победи на 38 градоначалнички трки, вклучително и оние во шесте општини во Сараево и голем број општини во и околу Тузла. Таа, исто така, доби сила во централна Босна, каде што ја порази Хрватската демократска заедница на БиХ (ХДЗБиХ). „СДА е на пат да стане најсилна политичка партија на целата територија на БиХ“, изјави за Дневни аваз претседателот на СДА, Сулејман Тихиќ.
ХДЗБиХ, иако загуби во централна Босна од СДА, освои 15 градоначалнички места низ целата држава. Најдобри резултати имаше во градовите каде што живеат претежно Хрвати во БиХ, како што се Капљина и Томиславград, каде што победи во трките за градоначалник. Партијата, исто така, победи во Мостар.
Мултиетничката Социјалдемократска партија (СДП), исто така, имаше некои важни победи. Гласачите ги реизбраа нејзините актуелни градоначалници -- оние во двете општини во Сараево и неколку општини во кантоните Тузла и Бихаќ, од кои најзначаен е Брчко.
Оваа година, двата ентитета на БиХ -- Федерацијата на БиХ (ФБиХ) и РС -- добија право на учество на изборите во сите градови и им беше потребно просто мнозинство за да ги изберат нивните градоначалници.
Според прелиминарните резултати од изборите, одѕивот на гласачите изнесувал околу 55 отсто, макар што бил повисок во руралните, отколку во урбаните области. Во градовите, како што се Сараево, Тузла, Зеница, Мостар и Бања Лука, одѕивот изнесуваше помеѓу 40 и 50 отсто.
Изборите ги следеа преку 1.300 меѓународни и локални набљудувачи. Властите не објавија поголеми безбедносни проблеми. Сепак, имаше некои прекршувања на предизборниот молк на денот пред изборите, од кои главниот случај беше кога државната телевизија на РС емитуваше предизборен спот на владејачката СНСД во саботата.
Централната изборна комисија ќе ги објави конечните резултати во рок од 30 дена.