06/10/2008
Политичките партии во Македонија повторно разговараат за измените во изборниот законик. Најконтроверзни се предлозите за загарантирана квотата за пратеници од етничките малцинства и гласачките права за дијаспората.
Од Марина Стојановска за Southeast European Times во Скопје -- 06/10/08
![]() Двете најголеми партии на етничките Албанци, ДУИ и ДПА, се спротивставија на тоа на дијаспората да й се даде право да гласа, тврдејќи дека тоа ќе го ослабне Бадинтеровиот принцип, кој ги штити етничките малцинства. [Getty Images] |
Четирите најголеми политички партии во Македонија -- ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА -- постигнаа консензус за некои измени во изборниот законик за кои дебатираа на 25-ти септември.
Партиите се согласија дека изворите на финансирање на кампањите не треба да бидат неидентификувани и дека партиите треба да ги поднесат своите финансиски извештаи во рок од 15 дена до Државната изборна комисија. Меѓу предложените измени се загарантирани десет места за помалите етнички заедници и тоа на дијаспората да й се даде право на три дополнителни места во парламентот. Спроведувањето на двете идеи ќе го зголеми бројот на пратениците од 120 на 133.
ОБСЕ/ОДИХР предложи, поради зголемениот број нерегуларности на последните парламентарни избори, прекршителите на изборниот законик да плаќаат повисоки парични казни, меѓу 3.000 и 5.000 евра.
Партиите не се согласија околу парламентарните квоти за помалите заедници и гласачките права за дијаспората. Двете најголеми албански партии, ДУИ и ДПА, се спротивставија на тоа дијаспората да има право на глас, тврдејќи дека тоа ќе го ослабне Бадинтеровиот принцип, кој ги штити етничките малцинства. Тој предвидува дека за некои нацрт-закони е потребно одобрување не само од мнозинството на сите пратеници, туку и од мнозинството на пратениците од етничките малцинства за да станат закони.
СДСМ го забележа отсуството на заштитни механизми со цел да се спречи двојното гласање од страна на имигрантите, еднаш во странство и еднаш во Македонија.
Партиите, исто така, имаа спротивставено мислење во врска со измените на правилата за претседателските избори. На пример, ДУИ верува дека парламентот треба да го избира претседателот, за да се минимизираат нерегуларностите и да се заштедат пари за избори. ВМРО-ДПМНЕ гласаше за укинување на условот дека еден кандидат мора да освои 50 отсто од гласовите во вториот круг за да стане претседател, додека СДСМ го повтори својот стар предлог за намалување на тој услов на 30 отсто.
„Амандманот има за цел да се прекине кругот на полнење гласачки кутии и нерегуларности кој ги одбележа скоро сите претседателски избори досега“, рече премиерот Никола Груевски.
ДПА се спротивстави на укинувањето на условот од 50 отсто за вториот круг, велејќи дека тоа ќе ги деморализира албанските гласачи, предвидување со кое се согласуваат многу експерти.
„Елиминирањето на условот од 50 отсто ги намалува шансите за консензус помеѓу партиите на етничките Македонци и етничките Албанци и го покренува прашањето на легитимноста на претседателот“, вели Јетон Шасивари, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.