07/10/2008
Хрватската влада вети дека ќе ја интензивира својата борба против организираниот криминал, по убиството во мафијашки стил во Загреб во понеделникот, поради кое премиерот Иво Санадер ги разреши својот министер за внатрешни работи и министерот за правда.
(Javno.hr - 07/10/08; Ројтерс, АФП, АП, ДПА, ББС, Б92, ХРТ, Javno.hr - 06/10/08)
![]() Вооружен напаѓач ја уби Ивана Ходак на скалите од нејзината зграда, недалеку од полициска станица. [AФП] |
Хрватскиот премиер Иво Санадер ги отпушти својот министер за внатрешни работи и правда и началникот на државната полиција во понеделникот (6-ти октомври), ветувајќи остри мерки против организираниот криминал во земјата. Тој го објави ова само неколку часа откако вооружен напаѓач ја уби ќерката на еден истакнат адвокат на сред бел ден во центарот на Загреб, на околу 100 метри одддалеченост од полициска станица.
Говорејќи на итната прес-конференција во понеделникот вечер, Санадер за новинарите изјави дека ќе побара одобрение од парламентот за разрешување на министерот за внатрешни работи и министерот за надворешни работи, Берислав Рончевиќ и Ана Ловрин, како и на началникот на државната полиција, Маријан Бенко.
Тој го назначи Томислав Карамарко, член на неговата Хрватска демократска заедница (ХДЗ), кој моментно ја води Државната разузнавачка агенција, за свој нов министер за внатрешни работи и поранешниот заменик-министер за надворешни работи, Иван Симоновиќ, за наследник на Ловрин. Полицискиот офицер-ветеран Владимир Фабер ќе го замени Бенко на функцијата началник на државната полиција.
Пратениците се очекува да го поддржат предлогот на Санадер за отпуштање на тројцата функционери по убиството во мафијашки стил.
Вооружен напаѓач ја застрела Ивана Ходак, 26-годишна стажантка по право, на скалите од нејзината зграда во околу 11 часот претпладне. Минувачите велат дека маж на возраст помеѓу 30 и 35 години, со сива јакна и без маска, излегол од зградата потоа.
Таткото на жртвата, Звонимир Ходак, е истакнат адвокат, кој го претставува поранешниот хрватски генерал Владимир Загорец, кого Австрија го екстрадираше во Хрватска минатата недела за да се соочи со обвиненијата дека украл дијаманти вредни 3,5 милиони евра, кои се користеле како гаранција за договори за воено оружје. Нејзината мајка, Минтас Ходак, е поранешна вицепремиерка.
Полицијата веднаш постави блокади на патиштата низ цел Загреб.
Изразувајќи му сочувство на семејството на Ходак, Санадер рече дека убиството било „ужасна трагедија која ние целосно ја осудуваме“ и ја повика полицијата да ја интензивира борбата против организираниот криминал. „Нема да го толерираме организираниот криминал и мафијашките убиства“, рече премиерот.
Претседателот Стипе Месиќ го нарече „грозоморно злодело“.
„Сите оние кои велат дека мора нешто да се стори за да се подобри безбедноста во Хрватска, се во право“, рече тој. „Граѓаните имаат право да бидат вознемирени.“
Месиќ, исто така, свика состанок на Советот за национална безбедност, кој се очекува да се состане в петок.
Владата му објави војна на организираниот криминал, рече вицепремиерката Јадранка Косор во понеделникот. Санадер за новинарите изјави дека, меѓу другите чекори, властите ќе подготват закон за борба против мафијата.
Но, опозициските политичари ја критикуваа владата за одолговлекување, при што Зоран Милановиќ, водачот на Социјалдемократската партија, рече дека е „премногу доцна“ за оставки.