09/10/2008
Генералното собрание на ОН во средата (8-ми октомври) ја усвои српската резолуција во која се бара од Меѓународниот суд на правдата да ја процени легитимноста на косовското прогласување независност.
Од Игор Јовановиќ за Southeast European Times во Белград – 09/10/08
![]() Српскиот премиер Мирко Цветковиќ рече дека гласањето на ОН претставува „голем успех“ за Белград. [Getty Images] |
Во средата (8-ми октомври) Генералното собрание на ОН, на српска иницијатива, побара мислење од Меѓународниот суд на правдата (МСП) во врска со легитимноста на прогласувањето независност од страна на Косово на 17-ти февруари.
Белградските власти рекоа дека усвојувањето на иницијатива претставува триумф за српската дипломатија, додека приштинските политичари изразија разочараност, но инсистираа на тоа дека независноста на Косово претставува неповратен процес.
Србија сака МСП да одреди дали независноста на Косово, прогласена еднострано од страна на Приштина „е во согласност со меѓународното право“. Претставниците на 77 земји гласаа за. Шест се спротивставија, а 74 се воздржаа од гласање.
Сепак, на судот може да му требаат години за да донесе одлука и неговите одлуки не се обврзувачки за државите. Според белградските власти, Србија не сака да ги тужи земјите што го признаа Косово, бидејќи тоа би било спротивно на нејзината желба за брз пристап во ЕУ.
Во Генералното собрание на ОН се одржа жестока дебата пред усвојувањето на резолуцијата. Американскиот заменик помошник државен секретар, Розмари Дикарло, рече дека независноста на Косово е во согласност со меѓународното право. Британскиот амбасадор во ОН, сер Џон Соерс, рече дека Србија го поднела своето барање „пред сé од политички, а не од правни причини“.
Но, петте земји на ЕУ кои не го признаваат Косово ја поддржаа иницијативата на Србија. Шпанскиот претставник Хуан Антонио Ханез-Барнуево, рече дека репутацијата на ОН во меѓународната заедница „прави да биде од општ интерес“ проценката на МСП за нешто толку важно како што е прогласувањето независност од страна на Косово.
Српскиот премиер Мирко Цветковиќ рече дека гласањето на ОН претставува „голем успех“ за Белград. Тој очекува сега да се намалат тензиите и „прашањето да се реши во далеку помирна атмосфера во иднина“.
Министерот за Косово и Метохија, Горан Богдановиќ, рече дека исходот „ја потврдува оправданоста на борбата на Србија“. Според него, крајната цел на Србија е да продолжи со преговорите за статусот.
Сепак, косовските власти ја отфрлија ваквата можност. Премиерот Хашим Тачи рече „Независноста на Косово претставува неповратен процес“.
„Ние веруваме дека разгледувањето на ова прашање во Меѓународниот суд на правдата нема да ги спречи другите земји да го проценат константниот напредок во Косово и да одлучат да ја признаат неговата независност“, рече претседателот Фатмир Сејдиу.
Тој додаде дека Косово планира да земе активно учество во процесот на МСП и очекува судот да биде непристрасен и правичен.
Дописникот на Southeast European Times Блерта Фониќи-Кабаши даде свој придонес во овој натпис.