10/10/2008
Посредникот на ОН во македонско-грчкиот спор околу името, Метју Нимиц, понуди предлог -- Република Северна Македонија -- и сложени предлози за тоа кои придавки одговараат на македонскиот национален идентитет.
Од Зоран Николовски за Southeast European Times во Скопјe – 10/10/08
![]() Двете страни треба внимателно да го разгледаат пакетот и да одговорат дали го прифаќаат или не, рече претставникот на ОН Метју Нимиц. [Архива] |
„Република Северна Македонија“ е основата на предлогот на посредникот на ОН Метју Нимиц по дводневниот круг преговори помеѓу Македонија и Грција во вторникот (7-ми октомври) и средата во Њујорк.
Нимиц скромно го нарече предлогот „пакет идеи“ иако истиот содржи детали за специфични прашања како што се пасошите, идентитетот на Македонците и начините на кои земјите-членки на ОН треба да й се обраќаат на Македонија.
Нимиц предлага Република Северна Македонија за општа меѓународна употреба. Скратената варијанта за употреба во ОН би била Северна Македонија.
Неочекуван удар за македонската јавност беше предлогот според кој ОН ќе им препорачаат на своите членки да усвојат ново име во односите со Македонија. Повеќе од 120 членки веќе ја признаа под нејзиното уставно име. Претходните пакети на Нимиц не ја содржеа оваа идеја.
Тој, исто така, предлага земјата да го пишува своето име во своите пасоши како Република Северна Македонија на англиски и француски јазик и Република Македонија на македонски јазик.
Според првичните анализи, Нимиц предвидува првенствено на секојдневна база да се користи зборот „македонски“ во ОН, ако земјата вклучена во соодветната комуникација не се противи на тоа.
Наводно, вториот избор, „јазик и националност на Република Северна Македониоја“ ќе се користи исклучиво за комуникациите во кој ќе бидат вклучени Грција и Кипар, кои отфрлаат секаква употреба на зборот „македонски“.
Македонската страна, пак, ја сака придавката „македонски“ за својата држава и јазик.
Властите во Скопје и Атина се воздржаа од каква било официјална реакција. Грчката министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, рече дека не сака да коментира за предлогот и нема да преговара преку медиумски соопштенија.
Грчкиот весник Катимерини објави дека Атина го смета „Република Северна Македонија“ за „добра основа за разговори“, но ќе бара „подобрувања“.
Скопје сé уште не се огласи, додека неговите национални медиуми сметаат дека последниот предлог ја фаворизира Атина.
Само мал број аналитичари во Скопје дадоа оценка за идејата на Нимиц. Поранешниот министер за надворешни работи, Слободан Чашуле, рече дека Македонија треба да бара арбитража од Хаг. Но, овој суд има само советничка улога.