Рен вели дека Македонија мора да ги исполни политичките критериуми за членството во ЕУ

03/10/2008

БРИСЕЛ, Белгија -- Комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен, во четвртокот (2-ри октомври) рече дека најважен услов што Македонија мора да го исполни за да пристапи во ЕУ е да ги оствари политичките критериуми за отпочнување на разговорите за пристап. По состанокот со македонскиот претседател Бранко Црвенковски во Брисел, Рен на заедничката прес-конференција изјави дека разговорот бил корисен и пријателски и дека бил фокусиран на македонските и регионалните прашања. Што се однесува до политичките критериуми, тој ја споменал стабилноста во функционирањето на демократските институции, воспоставувањето на владеењето на правото и мерките за одржување фер избори во согласност со меѓународните критериуми.

Во врска со спорот околу името со Грција, Црвенковски рече дека е подготвен да прифати праведен компромис, кој нема да го оспорува културниот и национален идентитет на Македонија. Тој изрази надеж и дека Грција ќе покаже одредена флексибилност. Претставникот на ОН во спорот околу името, Метју Нимиц, планира да се состане со грчките и македонските претставници во разговорите во вторник.

Подоцна истиот ден, Црвенковски се состана со шефот за безбедност на ЕУ, Хавиер Солана, и генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер. Солана рече дека времето е исклучително важен фактор во кандидатурите за членство на Македонија во ЕУ и НАТО. И тој и Де Хоп Шефер ја истакнаа важноста на решавањето на спорот околу името. Де Хоп Шефер, исто така, додаде дека евроатланската интеграција на целиот регион е клучна за стабилноста на Западен Балкан. Британскиот секретар за надворешни работи, Дејвид Милибенд, во вторникот изрази ист став на оваа тема во натписот објавен во подгоричкиот весник „Вијести“. (AФП, Макфакс, МИА, Вијести - 02/10/08)

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading