07/10/2008
Кипарскиот претседател Христофиас вели дека неговата посета на Бугарија претставува пресвртница за соработката. Исто така во дипломатските вести: Албанија ќе пристапи во НАТО во април, рече американскиот секретар за одбрана, Гордон Р.Ингланд.
![]() Кипарскиот претседател Деметрис Христофиас. [Getty Images] |
Кипарскиот претседател Деметрис Христофиас пристигна во Бугаријa во неделата (5-ти октомври) на покана од својот бугарски колега, Георги Парванов. Христофиас се состана со Парванов и премиерот Сергеј Станишев во понеделникот. Кипарскиот претседател патува со делегација на Стопанската и индустриската комора. „Сигурен сум дека оваа покана ќе биде пресвртница во напорите за зајакнување на политичката, економската и културната соработка помеѓу нашите земји“, рече Христофиас пред посетата.
***
Српскиот претседател Борис Тадиќ во понеделникот (6-ти октомври) беше во Евијан, Франција, за да присуствува на Конференцијата на светската политика, која ќе трае до среда. Тадиќ се очекува да говори на една од пленарните сесии. Ќе учествуваат и професори, политички аналитичари, меѓународни корпоративни директори и новинари. Францускиот претседател Николас Саркози и рускиот претседател Дмитри Медведев го потврдија своето учество.
***
Водачот на кипарските Турци Али Талат во четвртокот (2-ри октомври) се состана со претседателот на Европскиот суд за човекови права (ЕЦХР) Жан Пол-Коста. Талат и Коста разговараа за случаите поднесени од кипарските Грци во врска со наводните прекршувања на нивните имотни права на северниот дел од Кипар, кој е под турска контрола. На состанокот Талат му рекол на Коста дека администрацијата на кипарските Турци формирала специјална комисија задолжена за имотните барања на кипарските Грци. Благодарение на работата на комисијата, бројот на случаи изнесени пред ЕЦХР од страна на кипарските Грци значително се намали, рече Талат.
***
Бугарскиот вршител на амбасадорските должности во Узбекистан, Илко Димитров Славчев, рече дека почетокот на непрекинатите летови помеѓу Бугарија и Узбекистан и од узбекистанската дипломатска мисија во Бугарија, ќе ја зголеми корисната соработка. Тој рече дека двете држави имаат богат потенцијал за туризам и дека летовите помеѓу двете земји би можеле да бидат катализатор за интеграцијата на туризмот и другите бизниси помеѓу нив, како и со остатокот на Европа.
***
Aлбанијa ќе влезе во НАТО во април, рече американскиот заменик државен секретар за одбрана Гордон Р. Ингланд на 30-ти септември, по состанокот со албанскиот министер за одбрана, Газменд Окета. Тој вети дека Албанија ќе продолжи со реформите за исполнување на стандардите за членство во НАТО. „Албанија е сојузник на [САД] во врска со глобалниот мир и безбедност“, рече Окета.
***
Maкедонскиот претседател Бранко Црвенковски го прими хрватскиот министер за надворешни работи во посета на земјата, Гордан Јандроковиќ, на 30-то септември во Скопје. Тие ги пофалија односите помеѓу земјите, особено во областа на политиката. Црвенковски й честиташе на Хрватска за поканата за членство во НАТО, како и за нејзиниот напредок во напорите за европска интеграција.
(Разни извори 07/10/08-30/09/08)