06/06/2008
AНКАРА, Турција -- Владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) доживеа голем удар во четвртокот (5-ти јуни), кога Уставниот суд ги отфрли амандманите на уставот со кои се укинува забраната за носење исламски шамии на универзитетите. Иако известувачот на уставниот суд препорача да не се разгледува случајот поради спорноста на судската надлежност, судот го стори спротивното. Судиите гласаа со 9:2 за повторно воведување на забраната, велејќи дека носењето исламски шамии на универзитетите го крши принципот на секуларизам. АКП вршеше притисок за амандманите преку парламентот во февруари, во обид да ги зајакне верските слободи и да го зголеми пристапот на јавноста до образованието. Многу млади жени одбиваат да одат на факултет поради тоа што не сакаат да се откажат од шамиите.
ББС објави дека премиер Реџеп Тајип Ердоган ќе се состане со своите сопартијци од АКП в петок, на разговори за следните чекори. Пресудата во четвртокот може да претставува сигнал за тоа како Уставниот суд ќе пресуди за престојниот случај на целосно затворање на АКП. (Заман, Хуријет, ББС - 06/06/08; НТВ, Агенција Анадолу, АП, Блумберг - 05/06/08)