17/06/2008
ПРИШТИНА, Косово -- Шефот на УНМИК, Јоаким Рикер, во понеделникот (16-ти јуни) потврди дека ќе го напушти Косово оваа недела, како и неговиот заменик, Лоренс Росин. Рикер се состана со претставникот на ЕУ во Косово, Питер Фејт, еден ден откако уставот на Косово стапи на сила. Рикер рече дека, иако УНМИК ќе функционира сé додека е на сила резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, тој ќе биде последниот „традиционален“ администратор на УНМИК таму. Италијанскиот дипломат Ламберто Заниери се очекува да дојде на неговото место и да ја надгледува помалата, реструктуирана мисија.
Во другите вести, група млади Срби во северна Митровица нападнаа двајца млади Албанци во понеделникот вечер, по што двајцата завршија во болница. Областа во која доминира српското население се покажа дека може тешко да се контролира откако Косово прогласи независност од Србија во февруари. (Коха Диторе, Експрес - 17/06/08; Teлеграфи, РТК, ББС, Б92, КТВ - 16/06/08)