23/06/2008
БРИСЕЛ, Белгија -- Водачите на ЕУ во петокот (20-ти јуни) го завршија дводневниот самит, велејќи: „Босна и Херцеговина (БиХ) мора да продолжи со спроведувањето на реформскиот процес без одложување, особено во поглед на исполнувањето на целите и условите за трансформирање на Канцеларијата на високиот претставник во Специјален претставник на [EУ].“ Европскиот совет, исто така, го поздрави неодамнешното потпишување на Договорот за стабилизација и асоцијација, опишувајќи го како „важен чекор на европскиот курс на земјата“.
Од другите вести на оваа тема, премиерот на Република Српска Милорад Додик за словенечкиот весник „Дело“ рече дека изгледите за членство во ЕУ се едни од ретките цели што ги обединуваат Србите, Бошњаците и Хрватите во БиХ, и покрај очекувањето дека земјата нема да може да пристапи во Унијата во скоро време. Но, Додик, исто така, рече дека е неприфатливо да се поставуваат услови за процесот на интеграција на БиХ во ЕУ кои ќе бараат реформи во внатрешните односи дефинирани со Дејтонскиот мировен договор. Додик во неделата беше во еднодневна посета на Словенија, каде што тој и премиерот Јанез Јанша разговараа за политичката и економската ситуација во регионот. (Дневни аваз, СТА, Дело - 22/06/08)