23/06/2008
TИРАНА, Албанија -- Водачот на опозициската Социјалистичка партија (СП), Еди Рама, во неделата (22-ри јуни) повика на обединување на Албанците за решавање на секојдневните проблеми. Рама го посети северноисточниот дел од земјата во рамките на својата турнеја Дијалог со Албанија. „Неопходно е да се обединат сите Албанци кои се борат со невработеноста, економските тешкотии, недостатокот на земјоделски производи и лошото образование“, рече Рама. Тој, исто така, ги повика луѓето во Фуше Булќизе и Гури и Бардхе да ги занемарат политичките ставови и да работат за подобра иднина.
Во другите вести од неделата, Министерството за животна средина издаде соопштение во кое ги уверува туристите дека сите плажи се чисти и подготвени за користење. Анализите спроведени во март, април и мај покажаа дека од 72 туристички локации, од Велипоја на север до Саранда на југ, 11 не ги исполнуваа стандардите на Светската здравствена организација. (Коха Јоне, Шекули - 23/06/08; Tоп ченал, Балканвеб - 22/06/08)