Пожар изби во близина на турското туристичко место Мармарис

29/06/2008

AНКАРА, Турција -- Огромен шумски пожар изби во петокот (27-ми јуни) во близина на туристичкото место Мармарис на турскиот егејски брег. Разгорен од силните ветришта, пожарот за малку ќе се раширеше и до хотелите пред пожарникарите да го стават под контрола. Според извештаите во локалните медиуми, пожарот започнал околу 3 часот попладне по локално време во регионот Армуталан. Причината во прв момент не беше позната. Хеликоптери и возила учествуваа во операцијата на гаснење на пожарот, кој се доближи на 200 метри до еден хотел. Гостите во другите хотели во регионот беа евакуирани. Турција е зафатена од екстрамно високи температури во изминатите денови, кои особено во близина на брегот достигнуваат 40 степени целзиусови.

Во другите вести од петокот, четири лица загинаа, а 12 беа повредени во напад на јавен минибус во источна Турција. Според новинската агенциај Анадолу, вооружени лица отвориле оган врз возилото во покраината Ван. Иако локалните власти не ја отфрлија можноста нападот да го извршила Курдистанската работничка партија, новинската агенција Доган вели дека нападот бил резултат на крвна одмазда. (НТВ, Ројтерс, АП, новинска агенција Анадолу, Доган - 27/06/08)