09/10/2008
AНКАРА, Турција -- Пратениците во средата (8-ми октомври) го одобрија предлогот со кој се продолжува овластувањето на армијата за спроведување прекугранични операции во северен Ирак за уште една година. Сегашниот мандат истекува на 17-ти октомври. Рекорден број од 511 пратеници, наспрема 18, гласаа за резолуцијата. Продолжувањето й овозможува на армијата да спроведува копнени и воздушни операции против базите на терористичката Курдистанска работничка партија (ПКК) во северен Ирак. Високиот одбор за контратероризам (ТМЈК) се очекува да се состане в четврток на разговори околу евентуалните мерки против ПКК, вклучително и за евентуалниот упад во северен Ирак. ТМЈК, исто така, ќе разговара околу предлогот на опозициската Партија на националистичкото движење за воспоставување тампон зона помеѓу Турција и Ирак, во надеж за запирање на инфилтрацијата на терористите.
Непосредно пред гласањето во парламентот, непознати напаѓачи нападнаа полициско возило во југоисточен Дијарбакир, Турција, при што загинаа четворица полицајци и возачот цивил, а беа повредени 20 други лица, соопшти министерот за внатрешни работи Бесир Аталај. Никој не ја презеде веднаш одговорноста за нападот.
Исто така во средата, армијата соопшти дека четворица членови на ПКК загинале во судирите со турските безбедносни сили во југоисточната провинција Сирнак. (Милијет, Радикал, Чумхуријет, Заман, Сабах - 09/10/08; новинска агенција Анадолу, СНН Турк, НТВ, Хуријет, Ројтерс - 08/10/08)