Тутунопроизводителите го блокираа главниот автопат во Грција

20/11/2008

AТИНА, Грција -- Стотици тутунопроизводители во средата (19-ти ноември) го блокираа главниот пат што ги поврзува Атина и Солун, предизвикувајќи сериозни сообраќајни проблеми. Фармерите бараат владата да ги зголеми ниските откупни цени и да додели 100 отсто субвенции за тутунот што не можат да го продадат. Ова се случи во регионот на Фтиотида, на околу 210 километри оддалеченост од Атина.

Во четвртокот министрите за земјоделство на ЕУ се состанаа на разговори околу субвенциите за тутунопроизводителите на ЕУ, во рамките на Заедничката земјоделска политика. Илјадници тутунопроизводители од цела Европа се собраа пред седиштето на ЕУ во Брисел. Тие се противат на одлуката на комесарот за земјоделство и рурален развој на ЕУ, Маријан Фишер Боел, да ги намали нивните субвенции. На протестите имаше фармери од Италија, Шпанија, Португалија, Франција, Грција, Полска, Романија, Унгарија и Бугарија.

Во другите вести од четвртокот, вработените во атинската подземна железница започнаа 24-часовен штрајк, барајќи колективен договор за работни односи кој ќе му ги загарантира работните места на персоналот со целосно работно време. Набљудувачите очекуваат сериозни проблеми со транспортот како резултат на ова. (РИА Новости - 20/11/08; AНА-МПА, Вима, Скај - 19/11/08)