06/01/2009
НИКОЗИЈА, Кипар -- Претседателот Деметрис Христофиас и водачот на кипарските Турци, Мехмет Али Талат, постигнаа значителен напредок во своите разговори за идната федерална влада, изјави специјалниот претставник на ОН, Тај-Брук Зерихаун, по состанокот на двајцата водачи во понеделникот (5-ти јануари). „Тие постигнаа целосен договор во врска со прашањето на хармонизацијата и соработката помеѓу федералната влада и конститутивните држави“, изјави Зерихаун за новинарите. Тој додаде дека Христофиас и Талат, исто така, се „многу близу“ до постигнување консензус за прашањето на хиерархијата на нормите. Подоцна, Христофиас и Талат се согласија дека постигнале напредок. Тие ќе се состанат повторно на 12-ти јануари.
Во другите вести од понеделникот, кипарската полиција го фати најбараниот криминалец во земјата, Антонис Китас, во рацијата на куќа во Паралимни. Китас, познат и како „Ал Капоне“ избега од приватна болница во Никозија на 12-ти декември. Тој одлежуваше доживотна казна за брутално силување и убиство на две странски државјанки во 1994 година. Неговото бегство беше причина министерот за правда Кипрос Хрисостомидес да поднесе оставка на средината од декември. (КНА, Фамагуста газете, Нафтемборики, новинска агенција Анадолу, Хуријет, Заман, Ксинхуа - 05/01/09)